ТОТЕНХЕМ ГО ОТВОРИ СТАДИОНОТ ОД ЕДНА МИЛИЈАРДА ФУНТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Чинеше една милијарда фунти и се отвори со шест месеци задоцнување пред 30.000 гледачи, иако неговиот капацитет е двојно поголем.

Во очекување на првиот натпревар во Премиерлигата, што ќе се случи на 3 април, честа први да го испробаат теренот на новиот стадион „Тотенхем хотспур“ ја имаа екипите на Тотенхем и на Саутемптон до 18 години. И покрај тоа, тој беше оценет како еден од најдобрите на светот.

„Беше неверојатно. Го имав истото чувство како на последниот ден на нашиот стар стадион, кога сите плачевме. Нашиот сон се оствари. Ова е еден од најдобрите стадиони на светот и посакувам иднината на клубот да биде фантастична“, изјави тренерот на Тотенхем, Маурицио Покетино.

Со капацитет од 62.062 седишта, Тотенхем сега го има најголемиот стадион во Лондон и втор најголем во Премиерлигата, зад „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед. Тој располага со комфор на НФЛ-стадион, 65 продавници за храна и пијалок, безжичен интернет и со најголеми стадионски екрани во Европа од 325 квадратни метри. Првиот ред е оддалечен само осум метри од теренот. Јужната трибина е висока 34 метри, што е една третина од височината на Биг Бен.

„За да стигнете до врвот, треба да искачите 223 скали“, вели вработен во клубот.