ВО АНГЛИЈА ЌЕ СЕ ГРАДИ ПРВИОТ ЦЕЛОСНО ДРВЕН СТАДИОН НА СВЕТОТ

Лондон, (Дезин)

Архитектонското студио „Заха Хадид“ доби дозвола да го дизајнира првиот дрвен стадион на светот, што ќе се гради во англискиот град Глустершир.

Кога ќе биде завршен, тоа ќе биде „најзелениот“ стадион на светот, бидејќи целосно ќе биде конструиран од дрво и ќе добива енергија од обновливи извори. На стадионот со 5.000 седишта ќе игра фудбалскиот клуб Форест грин роверс, што ФИФА го прогласи за „најзелен фудбалски клуб на светот“.

„Овој објект ќе биде легендарен и туристичка атракција“, изјави градската советничка Миранда Клифтон.

Стадионот ќе се гради целосно од одржливо изворно дрво, вклучувајќи ги и покривот и фасадата. Тој ќе биде покриен со проѕирна мембрана, што ќе овозможи тревата да расте под сончева светлина.

„Дрвото е природен материјал, па ова ќе биде стадион со најниска содржина на јаглерод на светот. Ова навистина ќе биде најзелениот стадион на светот“, изјави претседателот на клубот, Дејл Винс.