„АУДИ“ ЌЕ ПРАВИ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ СО НАЈСТАРАТА КИНЕСКА АВТОКОМПАНИЈА

Пекинг, (Би-Би-Си)

„Ауди“ се здружи со најстарата автокомпанија во Кина „ФАВ“ и ќе произведуваат луксузни електрични автомобили.

ФАВ е третиот најголем автопроизводител во Кина и, меѓу другото, ги снабдува лидерите на Комунистичката партија со лимузините „хонгки“ или „црвено знаме“, но веќе некое време се обидува да се пробие на пазарот на електрични автомобили. Во новата заедничка фабрика во Чунгчун во североисточна Кина ќе се прават целосно електрични модели на „Ауди“. Во неа биле вложени 4,6 милијарди и треба да биде отворена во 2024 година.

Кина е најголемиот светски пазар за „Ауди“, каде што лани продал над 200.000 возила. Германската компанија планира една третина од сите продадени возила во Кина да бидат електрични до 2025 година.

Според Меѓународната агенција за енергија, речиси половина од сите електрични автомобили на светот се возат во Кина. Се очекува оваа година таму да се продадат 1,8 милиони електрични возила.