ХРВАТОТ РИМАЦ ЗА ТРИ НЕДЕЛИ ГО РАСПРОДАДЕ СУПЕРАВТОМОБИЛОТ ОД 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА

Загреб, (Индекс)

Само три недели од претставувањето на Автосаемот во Женева, продадени се речиси сите 150 примероци од хиперавтомобилот на Хрватот Мате Римац, „концепт 2“, иако неговата почетна цена е 1,7 милиони евра.

Како наследник на „концепт 1“, тој се смета за најмоќен електричен автомобил на светот.

„Останаа слободни само уште неколку примероци, но очекуваме и тие наскоро да бидат продадени, имајќи предвид дека американската јавност е доволно запозната со претходниот модел“, изјави менаџерот за продажба на „Римац автомобили“, Крешо Ќориќ.

Покрај основната цена, за разноразни опции се доплатуваат уште половина милион евра, пишува британскиот магазин „Автокар“.

По Женева, каде што беше една од најголемите ѕвезди, „концепт 2“ деновиве се промовира на саемот во Њујорк.

„Концепт 2“ располага со 1.914 коњски сили и му требаат само 1,9 секунди до 100 километри на час. Со едно полнење, тој може да помине 650 километри, а максималната брзина му е 412 км/час.

Првите примероци ќе бидат испорачани во 2020 година.