Иако е еден од најстудените градови во Кина, со просечна температура од -12 Целзиусови степени во јануари, милиони посетители секоја година доаѓаат во Харбин за да уживаат во чудесните градби на тамошниот Меѓународен фестивал на ледени и снежни скулптури, проследен и со спектакуларно светлосно шоу.
Тој и официјално беше отворен вчера и за годинашните дела беа потрошени 120.000 кубни метри мраз и 111.000 кубни метри снег, за да се добие парк со површина од 750.000 квадратни метри.
Според локалните медиуми, 10.000 работници учествувале во сечењето и обликувањето на блоковите мраз и благодарение на ниските температури, кои се спуштаат и до -35 степени, фестивалот може да биде отворен со месеци.
Една од атракциите на годинашниот фестивал се 2.019-те снешковци, поставени на замрзнатата површина на реката Сонгхуа.
Овој фестивал за првпат се одржал во 1963 година и стана особено популарен на почетокот на овој век.