„МОНЦА“ ОД 1,6 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ МОЖАТ ДА ЈА КУПАТ САМО ОНИЕ КОИ ВЕЌЕ ИМААТ НЕКОЛКУ „ФЕРАРИЈА“

Париз, (АП)

„Ферари“ соопшти дека неговите нови суперавтомобили „монца“ ќе чинат по 1,6 милиони евра и дека само 499 луѓе ќе добијат покана да ги купат.

Клиентите веќе ќе мора да имаат неколку „ферарија“ во своја сопственост и долга историја на поврзаност со брендот.

Тие ќе можат да изберат помеѓу едноседот „монца СП1“ и двоседот „монца СП2“, при што и двете верзии се со отворен покрив и немаат ветробранско стакло. Бидејќи станува збор за тркачка ѕвер, во цената се вклучени и кацига и посебни чевли.

„Монца“ е опремен со најмоќниот мотор досега произведен од „Ферари“, кој развива 810 коњски сили и ќе овозможи да се достигнат 100 километри на час за само 2,9 секунди.

„Ферари“ за првпат ја изложи „монца“ денеска, на првиот ден од Парискиот автосаем наменет само за медиуми.