Еден од најпознатите и најплодни македонски графички дизајнери Зоран Кардула синоќа ја отвори својата најнова изложба, сместена во уникатниот амбиент на споменикот Илинден, односно Македониум во Крушево.
Насловена „Војна на ѕвездите и Македониум“ (Star Wars & Makedonium), изложбата ја отсликува имагинативноста на Кардула, кој во своите илустрации ги спои ликовите и мотивите од еден од најпознатите филмски серијали на сите времиња и култниот споменик на Јордан и Искра Грабулоски посветен на илинденците, кој како да е излезен од студиото на режисерот Џорџ Лукас. Споменикот е откриен во 1974, три години пред излегувањето на првиот филм „Војна на ѕвездите“.
Изложбата, која е дел од манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, ќе биде отворена две недели.