„ВОРНЕР БРОС“ ЌЕ ГРАДИ ЖИЧНИЦА ОД 100 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ДО ЗНАКОТ ХОЛИВУД

Лос Анџелес, (АФП)

„Ворнер брос“ објави дека планира да постави жичница од 100 милиони долари, која ќе ги носи туристите од филмското студио до легендарниот знак Холивуд. Компанијата им соопшти на градските власти дека ќе ги покрие сите трошоци за „Холивуд скајвеј“.

Возењето ќе трае шест минути, а маршрутата ќе се протега на 1,6 километри од базата на „Ворнер“ до центарот за посетители во близина на знакот, на планината Ли.

„Проектот ќе го намали уличниот застој, ќе ја подобри безбедноста и ќе ги олесни нервозите во соседството со ѕвезди. Веруваме дека нудиме решение кое има најмалку влијание врз животната средина”, велат од компанијата .

Се очекува проектот да биде готов за околу пет години, вклучувајќи го и процесот на одобрување.

Знакот е поставен во 1923 како „Холивудленд” за реклама на локална агенција за недвижен имот.