ХОЛАНДСКИ МУЗЕЈ ЗАБРАНИ ФОТОГРАФИРАЊЕ НА ИЗЛОЖБАТА ЗА НАЦИСТИЧКИ ДИЗАЈНИ

Амстердам, (АФП)

Музејот за дизајн во Ден Бош, Холандија, им забрани на посетителите да прават селфи на контроверзната изложба на дизајни од периодот на нацистичкиот режим, со цел да спречи „делата да бидат претставени на погрешен начин“.

Изложбата „Дизајнот на Третиот рајх“ беше отворена на почетокот на месецов. Изложени се 227 дела, како „фолксваген буба“ од 1940-ите, статуи на Хитлер од неговиот омилен скулптор Арно Брекер и пропагандни постери и филмови од нацистички режисери.

На отворањето на изложбата имаше протести на левичарски и антифашистички групи, по што портпаролот на Музејот, Ман Лео, рече дека ќе преземат дополнителни мерки, како забрана за фотографирање, ангажирање дополнителен персонал и ќе се дозволи влез на групи до 50 луѓе.

„Причината поради која не е дозволено фотографирање е што секој предмет од изложбата го дополнивме со историски контекст кој го потенцира ужасот на нацистичкиот режим. Ако кој било од предметите се слика надвор од контекстот, ќе биде протолкуван на погрешен начин“, вели Лео.