ИНТИМАТА НА ОДРИ ХЕПБЕРН НА ИЗЛОЖБА ЗА 90. РОДЕНДЕН ВО РОДНИОТ БРИСЕЛ

Брисел, (Ројтерс)

Изложба на лични предмети и фустани што Одри Хепберн ги носела на премиери и на доделувања на награди, која дава поинтимен увид во нејзиниот живот, се отвори во Брисел, во чест на 90-годишнината од нејзиното раѓање. Хепберн (1929-1993) е родена во Брисел, а подоцна нејзините родители се преселиле во Лондон.

Синот на холивудската дива со скутерот од филмот „Празник во Рим“ од 1953 (Фото: Ројтерс)

Изложбата „Интимната Одри“ ја подготви нејзиниот син Шон Хепберн Ферер и содржи стотици приватни и професионални фотографии, оригинали и копии, како и некои филмски предмети, меѓу кои и скутерот од филмот „Празник во Рим“ од 1953 година, за кој Хепберн доби Оскар за најдобра актерка.

Хепберн Ферер, чиј татко беше американскиот актер Мел Ферер, вели дека сакал да понуди полична перспектива на животот на британската актерка, која последните години од животот ги посвети на хуманитарната работа и стана амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.

„Таа живееше скромен живот, едноставен и можеби тоа е причината што и ден денес е сакана“, изјави тој за „Ројтерс“.