Да се направи изложба со дела на студенти од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во куќата на Лазар Личеноски во центарот на градот и на кејот на Вардар, во која што живеел и творел (макар кратко и сосема на крајот) еден од основоположниците на македонската современа ликовна уметност, претставува неверојатна и речиси нестварна можност, вели проф. д-р Славица Јанешлиева од ФЛУ.
Објектот во подножјето на Скопското кале од 2015 е во државна сопственост, како дел од Националната галерија на Северна Македонија. Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази.
Изложбата е дел од активностите од роденденската програма на Европската куќа во Скопје.
„Сметавме дека не е соодветно да изложиме студентски дела кои се изработени на друга тематика и со друга мисла, а ѕидовите на интимните простории на Лазар и Зоја Личеноски да ги користиме како ѕидови на кој било галериски/музејски простор. Затоа одлучивме оваа изложба да се состои од дела кои се создадени и инспирирани од личноста и творештвото на Личеноски, од куќата и просторот, но и од односот кон културата и културното наследство. Како што Личеноски со своите творештво, талент и енергичност остава трајно и непроценливо сведоштво, мисла, културно и ликовно-уметничко наследство, така и овие млади креативци и потенцијални идни ликовни/визуелни творци имаат потреба да бидат автентични и забележани. Имавме кратко време за истражување, осмислување и реализација, но се надеваме дека се видливи еланот и младешката енергија, толку битни и негувани и од самиот Личеноски. Тој како професор во Училиштето за применета уметност, сега Државно средно училиште за ликовна уметност и дизајн, кое го носи неговото име, создава нови генерации на македонски сликари/уметници. Спомен-куќата на Личеноски во духот на едукацијата и визионерството ја претвораме во работилница за студентите да ги утврдат или демистифицираат просторот и ставот кон него. Токму затоа, на оваа изложба се дозволени сите изразни ликовни/визуелни средства, со цел да се искаже идејата, да се ‘освои’ просторот и да се понуди доживување преку понудената можност за разработка на феноменот на ликовниот концепт и игнорирањето на строгите поделби на ликовните медиуми и уметничките подрачја, па дури и поттикот за вкрстување со другите“, вели Јанешлиева.
Изложбата ќе биде отворена за јавност од 12 до 14 часот секој вторник и четврток од 15 до 30 ноември.
Фото: К. Попов