Ликовниот салон во Велес синоќа, како ретко кога, беше исполнет на отворањето на изложбата на група млади уметници, кои се претставија со свои дела, изработени во различни техники.
„Имаше повеќе обиди во последните четири-пет да ги собереме младите уметници и еве, конечно, ни успеа. Ова е најмладата генерација уметници од градот и некои сѐ уште се студенти. Сите се од Велес, освен еден кочанчанец кој работи во градов“, рече Елена Димова-Пантелиќ, организаторка на изложбата.
На неа се претставија Пале Јовановска, Кристијан Тодоров, Кристина Александриски, Васил Гаврилов, Дејан Делов, Наташа Ќулавкова-Делова, Елена Димова-Пантелиќ, Владимир Симеонов, Драганчо Таневски и Димитриј Михајловски.
„Кога станува збор за изложба во која се вклучени повеќе автори, тешко е да се даде сеопфатен критички осврт. Оваа изложба ги покажува потенцијалот, сликарскиот порив и уметничкиот ракопис на генерациите уметници кои штотуку ги направиле првите чекори во уметноста. Секое дело претставува сегмент од големата слика на велешката уметничка иднина“, кажа Анита Василкова-Мидова, директорката на Народниот музеј во Велес.
П. ПЕЧКОВ