Цвеќиња и дрвја беа темата на ревијата пролет/лето 2020 на модната куќа „Диор“ на отворањето на Париската модна недела.
Во време кога модната индустрија се соочува со големи критики од јавноста поради загадувањето на животната средина, дизајнерката Марија Грација Киури ја спои нејзината пасија за облека со природата.
„Кристијан Диор обожавал градини. Цвеќињата се еден вид наследство од Диор. Но, кога денес ќе видам цвеќиња и дрвја, не гледам само радост или природни убавини. Ги гледам сите грижи за нашата иднина и дека мора да преземеме акција. Затоа се прашав како можеме да ја славиме природата на значаен начин“, изјави креаторката.
Таа постави 164 дрвја како сценографија за новата колекција. Привремената шума е соработка со колективот за урбан пејзаж „Колоко“. По завршувањето на Модната недела, дрвјата ќе бидат засадени на повеќе локации низ Париз.