ЕМИНЕМ ГИ НАДМИНА „АББА“ И „ЛЕД ЦЕПЕЛИН“

Лондон, (Гардијан)

Американскиот рапер Еминем го сруши рекордот стар 36 години на музичките великани „АББА“ и „Лед цепелин“, откако по деветти пат со нов албум се искачи на првото место на британската топ листа.

„Дали тоа значи дека отсега може да се викам сер Еминем“, рекол 45- годишниот музичар кога ја дознал веста од британската музичко-издавачка индустрија.

Досега Еминем беше изедначен со шведските поп-ѕвезди и британските рокери, со бројката од осум албуми по ред на врвот на листата.

„Лед цепелин“ по осми пат беа први во 1979 година, а „АББА“ три години подоцна.

Претпоследниот албум на Еминем, „Преродба“ кој излезе минатата година, доби остри критики, но стигна до првото место во Британија.

Пред десетина дена, ненајавено, го издаде неговиот 10. по ред албум „Камиказа“ и повторно стана број 1 албум во Британија.

„Да објавите девет успешни албуми е успех сам по себе, но да дојдете до првото место со сите нив, по ред, во растојание од 18 години, е извонредно“, изјави Мартин Талбо, директор на компанијата која ја води британската листа.