Советот на модни дизајнери на САД објави дека актерката и модна икона Сара Џесика Паркер ќе биде домаќин на нивните годишни модни награди, што ќе се одржат на 6 ноември во Американскиот природонаучен музеј во Њујорк.
„Сара Џесика Паркер го претставува најдоброто од она што е американска мода. Таа е паметна, индивидуална и не се плаши да се забавува“, рече Том Браун, претседател на Советот на модни дизајнери на САД.
Паркер оди по стапките на актерките Емили Блант и Наташа Лион, кои беа водителки на свеченоста во изминатите години.
„Моја голема привилегија и чест е да го исполнам секое барање на големиот Том Браун, на кого му се восхитувам со децении. Се надевам дека ќе бидам добра водителка на 6 ноември и со нетрпение очекувам да ги испочитувам заслужените номинирани“, изјави актерката.
Дизајнерката и поранешна уредничка на „Вог“, Вера Ванг, ќе добие посебно признание за креациите за невести, додека Марија Корнехо, која оваа година слави 25 години во бизнисот, ќе ја добие наградата за животно дело „Џефри Бин“.
(Фото: Гети)