Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, носеше дводелен костим со симболика, креација на дизајнерката Лидија Георгиева, на чествувањето на Свети Кирил и Методиј во Рим и официјалната посета на Ватикан.
Почитувајќи ги строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај папата Фрањо, таа носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата. Костимот е збогатен со стилизиран вез, инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, кој датира од 16. век.

Од посебно значење, како што ни рече реномираната дизајнерка, е симболиката вметната во везот на велот, кој ја содржи реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица.
„Ова е референца на настанот во базиликата ‘Санта Марија Маџоре‘, каде што во 9. век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. ‘Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа? А, ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински‘. Кирил на тоа им одговорил: ‘Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А, сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво?‘“.

Како поддршка на локалното производство, креацијата повторно се работела со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија.

„Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство“, вели Георгиева.
Б. НЕСТОРОСКА