ДОМ НА ПРВО МЕСТО – ХЕЛСИНКИ Е ГРАД БЕЗ БЕЗДОМНИЦИ И ПИТАЧИ

Хелсинки, (Би-Би-Си)

На излегување од грандиозната централна железничка станица во Хелсинки веднаш се забележува нешто необично: никој не питачи, ниту спие на улица, што е голем контраст во споредба со други поголеми европски градови.

„Кога бев мала, се сеќавам дека имаше стотици, ако не и илјадници луѓе кои спиеја по паркови и шуми. Тоа беше видливо, но веќе го немаме тоа. Улично бездомништво не постои во Хелсинки“, вели заменик градоначалникот Сана Весиканса.

Финските влади во континуитет успешно се справуваат со бездомништвото во последните 30-ина години. Во 1987 година, повеќе од 18.000 луѓе живееле на улица, а според последните податоци, од крајот на 2017, околу 6.000 пријавиле дека немаат дом, но најголем дел од нив живеат кај пријатели или роднини или се сместени во привремени живеалишта. Многу мала бројка луѓе, всушност, спие на улица.

Како им успеало ова на Финците?

Од 2007 година, тамошните влади ја градат оваа политика врз основа на принципот „Дом на прво место“, а тоа е на бездомниците да им се обезбеди стабилен и постојан дом што е можно побрзо. Тие потоа добиваат и друг вид на помош и поддршка, како борба со зависности, учење нови вештини или шанса да добијат тренинг, образование или работа.

Според „Дом на прво место“, дом мора да се понуди безусловно, дури и на оние кои сѐ уште консумираат дрога или алкохол. Киријата се плаќа преку државни бенефиции и постои можност во таков стан да се остане цел живот. Во вакви станбени објекти станарите заеднички готват и се социјализираат, а социјални работници постојано им се достапни.

„Ваков проект може да успее само ако властите се целосно посветени. Тоа мора да биде национална политика“, вели еден од архитектите на „Дом на прво место“, Јуха Кекинен.