Хотел од мраз, инспириран од хит-серијата „Игра на тронови“, се отвори во Лапонија, Финска. Хотелот е изграден во соработка со телевизиската мрежа „Ејч-Би-О“ и е дел од Снежното село, кое зафаќа површина од околу 20.000 квадратни метри.
Селото во Лапонија секоја година ја менува темата и се гради од 20 милиони килограми снег и 350.000 килограми чист мраз.

Покрај хотелот, во селото има и ресторан од мраз, леден бар, како и просторија за венчавање направена од мраз.
Собите во хотелот ги дизајнираа скулптори од Русија, Полска, Летонија и Украина. Температурата внатре е пет Целзиусови степени и затоа на гостите им се препорачува да преспијат само една ноќ. Има и простории за кои се доплаќа екстра, за да не добијат гостите хипотермија.

Скулптури од мраз се инспирирани од темите и ликовите од „Игра на тронови“ и се поставени во 14 спални и 10 апартмани. Во една соба, на пример, има издлабено фигура на Бел шетач над креветот.
Има и апарат за сладолед во облик на змеј, ледена реплика на Железниот престол и знаци нa ѕидовите од големите куќи на Вестерос.
Друг змеј го чува ледениот бар, кадешто пијалоците се служат во чаши од мраз, место од златни пехари, а во ресторанот од мраз, на менито нема срце од коњ, туку бифтек.

Температурите во ресторанот, во барот и низ ходниците се движат од -2 до -5 степени, без разлика на надворешната температура.
Ноќевањето во хотелот чини од 200 долари, па нагоре, а за влез во Снежното село се плаќа плус билет од 18 долари.
Резервации за престој се прават до 8 април 2018 годинa.