КАРНЕВАЛОТ ВО РИО СЕ ПРЕТВОРА ВО ЕВТИНА УЛИЧНА ЕКСТРАВАГАНЦА

Рио де Жанеиро, (АП)

Агенцијата за туризам на Рио де Жанеиро очекува 1,5 милиони туристи за традиционалниот карневал од петок до вторник, речиси 500.000 повеќе од минатата година. Но, истовремено, градските приходи за време на карневалот се очекуваат да бидат приближно исти како лани, околу милијарда долари.

Некогаш место на луксуз и гламур, на најпознатиот карневал на светот сѐ повеќе доминираат штедливите туристи, кои се позаинтересирани за бесплатните улични забави, популарните „блокос“, отколку за скапите паради на училиштата за самба.

Жителите на Рио, но и туристите трошеа многу за карневалските костими и парада. Меѓутоа, растечката економска криза во Бразил полека успеа да ја смени природата на големиот настан. Агенцијата за туризам очекува една четвртина од сите посетители да потрошат помалку од 100 долари на ден.

Имаме милиони луѓе кои сакаат да излезат на улиците за слободните забави, додека училишните паради на самба се замрзнати во времето и станаа многу скапи. За туристите кои сакаат да трошат помалку, тоа е очигледен избор, изјави карневалскиот историчар Луиз Антонио Симас.

Повеќето од посетителите, најверојатно, нема да присуствуваат на парадите на традиционалните самба училишта, кои се подготвуваат цела година за настанот. Наместо тоа, тие ќе се забавуваат на некоја од околу 600 блокоси. Во 2007 година, кога економијата на Бразил беше во кулминација, карневалот имаше само 300 вакви забави.

Додека градоначалникот на Рио го намали буџетот на професионалните училишта за самба за повеќе од 1,5 милиони долари, тој го зголеми бројот на преносни улични тоалети за неколку илјади. Притоа, повеќе од 3.000 приватни безбедносни агенти ќе бидат ангажирани на забавите.

 

Парадата на „Самбадром“ се обидува да ја одржи привлечноста за штедливите посетители со околу 14.000 билети кои чинат само три долари

Привлечноста на уличните забави е во разновидноста. Тие се бесплатни или блиску до тоа, а се троши само на храна и пијалок.

Самбадром“, каде што врвните училишта парадираат во вечерните часови две ноќи  по ред, датира од 1932 година. Присутните имаат можност да слушнат некои од најдобрите тапанари на светот.

Парадата на Самбадром се обидува да ја одржи привлечноста за штедливите посетители со околу 14.000 билети кои чинат само три долари. Но, тие се трошат брзо и не се за добри позиции. Најскапите билети чинат околу 2.000 долари.