КОРОНАВИРУСОТ ГО ПРЕТВОРИ ЊУЈОРК ВО ГРАД НА ДУХОВИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Њујорк, (Гардијан)

КОВИД-19 го погоди и Њујорк, претворајќи го најдинамичниот град на светот во чудно и непријатно место.

Познато е дека Њујорк има лоша инфраструктура, становите се мали, сѐ е преценето и има премногу луѓе на така мал простор. Па, сепак, тој низ декадите се претвори во глобална метропола која е синоним за динамичност и моќ. Њујорк прима луѓе од сите нации и јазици и ги претвора во њујорчани, генерира огромни богатства и е светски центар на уметничкиот и интелектуалниот живот. Во споредба со него, повеќето светски метрополи изгледаат како поспани музејски изложби.

Централната железничка станица на Менхетн е како гробница (Фото: Џ. Гејл)

Овој град со осум милиони жители, сепак, успеа нешто да го сопре: смртоносен вирус. КОВИД-19 го фрли на колена градскиот здравствен систем додека секој ден се зголемува бројот на заразени и починати, а во Сентрал Парк сега се поставени полски болници. Милиони њујорчани сега седат затворени по дома, додека градот е во карантин.

Фотографот Џордан Гејл ги овековечува сцените на овој чуден нов свет.

„Секој звук што ќе го чуеш те изненадува. Градот сега е едно големо слободно место. Улиците се празни, тротоарите се празни, продавниците се забарикадирани како нивните сопственици да мислат дека во секој момент ќе почнат масовни грабежи“, вели Гејл.

Во станбените области може да се види по некој човек на улица. Тоа најчесто се кратки експедиции до локална продавница или аптека или дневна прошетка заради менталното здравје. Од друга страна, комерцијалните делови на Њујорк се градови на духови. Тајмс сквер е напуштен и од њујорчани и од туристи.

„Можете да застанете среде 42. улица и нема да видите ниеден автомобил или човек. Централната железничка станица е како гробница. Морничаво е“, вели Гејл.

(Фото: Џ. Гејл)