Налет на топол бран ги истопи скулптурите од лед и мраз направени од речиси 10.000 уметници во градот Харбин, што доведе до предвремено затворање на најголемиот зимски фестивал во Кина.
Дневните температури се искачија над нулата во најтоплата недела во северна Кина оваа зима, со што организаторите биле принудени да го затворат традиционалниот Фестивал на снег и мраз повеќе од десет дена порано.
„Ова мораше да се направи од безбедносни причини, бидејќи скулптурите почнаа да се топат“, изјави официјално лице од паркот.
Зимскиот парк во Харбин, град познат по студената клима, привлече повеќе од еден милион посетители откако беше отворен на 23 декември, при што, меѓу другото, можеа да се видат мали реплики на Колосеум и на катедралата во Милано. Лани, тој беше затворен на 10 март.