ЊУЈОРК ПОЧНА ДА СЕ ОТВОРА, НО И НАТАМУ НЕ ЛИЧИ НА СЕБЕСИ

Њујорк, (Политико)

Три месеци откако беше ставен во привремена кома за да се спречи ширењето на коронавирусот, Њујорк повторно ги отвори рестораните, бутиците, фризерските салони, детските игралишта и други бизниси. Но, еден од најдинамичните градови на светот и натаму не личи на себеси.

„Првата фаза од отворањето беше голема работа, но втората фаза е оној навистина голем чекор за градот. Тука лежи најголемиот дел од нашата економија“, изјави градоначалникот Бил де Блазио, откако им дозволи на речиси 3.200 ресторани да постават маси на тротоари и паркинг места.

Сепак, градот набргу се соочи со новата реалност: со значително помалку канцелариски работници, жители и туристи на улиците, бизнисите нема да цутат во блиска иднина. Де Блазио процени дека меѓу 150.000 и 300.000 работници ќе се вратат на работа оваа недела, но голем дел од нив избраа да продолжат да работат од дома, добивајќи одобрување за тоа од своите компании.

Сопствениците на рестораните ги молат градските власти да затворат уште улици за сообраќај, откако тоа досега беше направено со 72 километри улици.

„Мојот ресторан сега може да прими само 20 гости, а капацитетот му е за 140. Се соочуваме со многу неизвесна ситуација, полоша од која било досега“, вели Бил Кулментас, кој држи ресторан на Менхетн.