ЊУЈОРК СЕ ОТКАЖА ОД ТЕЛЕФОНСКИТЕ ГОВОРНИЦИ И ГИ ЗАМЕНИ СО ДИГИТАЛНИ КИОСЦИ

Њујорк, (НПР)

Телефонските говорници и официјално се историја во Њујорк. Последниот јавен телефон беше отстранет минатата недела од центарот на Менхетн и директно беше пренесен во локален музеј.

Тоа е последното поглавје од приказната што почна во 2015, кога градот почна да ги заменува говорниците со „дигитални киосци“, кои на граѓаните им нудат бесплатен интернет, полначи, копчиња за итни случаи и екрани со мапи.

Редица за телефон во Њујорк во 1965 (Фото: АП)

За помалку од една деценија, преминавме од улични телефонски говорници на бесплатен безжичен интернет низ целиот град. Овие киосци ги зајакнуваат достапноста и поврзаноста во градот. Тие се од витално значење за луѓето кои инаку немаат пристап до интернет или итни служби. На добар пат сме да го направиме Њујорк технолошки правичен град“, изјави градската советничка Џули Вон.

Градските власти велат дека се останати уште неколку говорници на приватни имоти.

До појавата на „дигиталните киосци“ во 2014, во градот имало над 6.000 активни јавни говорници, а во почетокот на векот нивниот број бил околу 30.000.

Њујорк е густ, пешачки град и до 1940-ите половина од жителите немале телефон. Затоа говорниците биле неопходни“, вели Лили Тартл, кураторка во Градскиот музеј на Њујорк.