Никогаш во историјата, дури и за време на двете светски војни, пабовите во Велика Британија не биле затворени.
Тоа ѝ успеа на пандемијата на коронавирусот и ако ваква ситуација продолжи до летото, се проценува дека неиспиени ќе останат 24 милиони литри пиво. Пабовите моментално не можат да вршат ни домашна достава.
„Ова е голема загуба на трудот и талентот што се вложуваат во производството на добро пиво. Луѓето не можат да го пијат, а пропаѓаат и сите вложени ресурси“, изјави Том Стајнер, извршен шеф на независната организација на потрошувачи „Campaign for Real Ale“.
Според него, во Велика Британија има 39.000 пабови и секој од нив во секој момент чува околу 2.400 литри пиво. Ако мерките за социјално дистанцирање останат на сила со месеци, огромни залихи пиво ќе завршат на отпад.
„Би можеле да продаваме пиво за носење, но тоа значи дека би требало да го продаваме на мал простор на тротоар, а тоа би било општествено неодговорно. Сето ова ни го крши срцето“, вели Керис де Вилиер, сопственичка на мала пиварница од југозападен Лондон, која очекува да ѝ пропадне пиво во вредност од 10.000 фунти.
Бидејќи пабовите, како и кафулињата и рестораните се затворени од 20 март, продажбата на алкохол во супермаркети во меѓувреме пораснала за пет пати.