РЕСОРТ МАВРОВО ЌЕ ЈА ОТВОРИ СЕЗОНАТА СО НОВА ОПРЕМА ЗА ВЕШТАЧКИ СНЕГ И ОНЛАЈН СИСТЕМ ЗА БИЛЕТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скијачкиот центар Маврово се ребрендираше под новото име Ресорт Маврово, во кое се вклучени и хотелите „Бистра“, „Спорт“ и „Лоџ“ и спортскиот центар „Маврово“.

Од следниот месец се воведува и нов, онлајн систем за купување на ски-карти, односно за билети со надополнување. На располагање ќе бидат 11 ски-лифтови, три жичници со вкупна должина од 5.700 метри и 25 километри скијачки патеки. И годинава ќе има ноќно скијање во периодот од 19 до 22 часот на озвучените и осветлени патеки.

Од минатите скијачки сезони на Маврово (Фото: Групација К.А.К.)

„Поголемите инфраструктурни инвестиции почнаа во 2018, кога од реномираниот италијанско-австриски производител ‘ДемакЛенко‘ набавивме современа опрема за заснежување и правење вештачки снег. Таква опрема се користи во светски познатите скијачки центри, како Шамони, Кицбил, Санкт Мориц и Кронплац. Системот за вештачки снег на патеката Едносед е во должина од речиси два километра и целосно ја покрива“, вели Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К.

Набавена е современа опрема на „ДемакЛенко“ за заснежување и правење вештачки снег на патеката Маврово 2 во вредност од 600.000 евра. Патеката е проширена, а отворена е и новата ски-патека 52. Патеките се обележани со знаци и снежни огради.

Центарот вработи и медицински тим, а склучи и договор со Здружението за заштита и спасување на планина и непристапен терен „Асклепиј – Ски патрола“.

„Наша желба е Маврово да биде прв избор за туристичка дестинација, место за прошетка, излет или спортување на сите, независно дали се љубители на зимските спортови“, вели Рипсиме Кузевска, маркетинг-менаџерката на Ресорт Маврово.

Б. НЕСТОРОСКА