Австралиската држава Нов Јужен Велс, во чиј состав е и Сиднеј, е една од првите на светот која воведе систем за детектирање возачи кои зборуваат на мобилен телефон, во обид да го намали бројот на сообраќајни несреќи за една третина.

Системот се состои од камери кои ќе бидат во функција 24 часа на ден и во секакви временски услови.

„Ова е систем што ќе ја промени нашата култура“, соопшти Министерството за транспорт на Нов Јужен Велс.

Сличен систем во октомври воведе и Холандија, при што возачите се казнуваат со 240 евра ако бидат фатени како користат мобилен телефон.

Системот во Австралија користи вештачка интелигенција за да анализира фотографии, при што препознава недозволено користење на мобилен телефон. Во првите три месеци, фатените возачи ќе добиваат само опомена, а потоа ќе се воведат казни од 233 долари, кои ќе бидат и повисоки во зони со училиште.