Малото австриско село Фукинг (Fucking) конечно ќе се ослободи од своето несреќно име, кое привлекуваше туристи и беше причина за често крадење на знаците. Градоначалничката Андреа Холцнер соопшти дека името ќе биде променето во Фугинг (Fugging) на 1 јануари 2021.
„Можам да потврдам дека името на селото е променето. Не сакам ништо повеќе да додадам, имавме доста медиумско лудило во минатото“, кажа Холцнер.
Малата заедница со околу 100 жители во Горна Австрија долго време се залагаше за промена на името, кое наводно датира уште од 11. век и на германски нема никакво значење. Локалните жители станале фрустрирани од туристите, кои се фотографираа покрај знаците, кои, згора на тоа, често и се краделе.
Селото кое се наоѓа северно од Салцбург, во близина на германската граница, беше непознато за светот и водеше мирен живот до појавата на интернет, каде што редовно се вклучуваше на листите на местата со најсмешни имиња.
„Доста ни беше од посетители и од нивните лоши шеги“, кажаа жителите.