РАЈАН ГОСЛИНГ ПЕЕШЕ НА ОСКАРИТЕ СО СЛЕШ И 65 ТАНЧАРИ КАКО КЕН

Лос Анџелес, (Гардијан)

Актерот Рајан Гослинг, заедно со 65 танчари во улогата на Кен, на 96. Оскари ја изведe песната „Јас сум само Кен“ (I’m Just Ken) од филмот „Барби“, која беше номинирана за најдобра оригинална песна. Придружувани од легендарниот Слеш од „Ганс ен роузис“ и музичарот и композитор на песната Марк Ронсон, тие ја дигнаа целата сала на нозе и сите пееја и танцуваа со нив.

Фото: Лос Анџелес тајмс

Одлично спакуваниот настап почна со Гослинг седнат во публика, пеејќи зад Марго Роби, која ја игра насловната улога во филмот. Облечен во целосно розов костум со розови ракавици и шапка, Гослинг се качи на сцената, а му сe придружија и колегите од филмот Симу Лиу, Кингсли Бен-Адир и Нкути Гатва.

При крајот на настапот, 43-годишниот глумец се симна во публика и им го подаде микрофонот на режисерката на „Барби“, Грета Гервиг и актерките Америка Ферера и Марго Роби, а на крајот дојде и до Ема Стоун, со која глумеше во „Ла Ла Ленд“.

„Барби“ лани беше голем хит на светските киноблагајни, а од осум номинации, само Били Ајлиш освои Оскар за најдобра песна. Гослинг беше номиниран за најдобра машка споредна улога, но изгуби од Роберт Дауни Џуниор.

Фото: Скај