Колекција ретки „ролс-ројси“, вклучувајќи ги оние во коишто се возеле кралицата Елизабета Втора и принцезата Дијана, ќе бидат дадени на аукција во Велика Британија.
Се очекува за осумте луксузни возила да се постигне вкупна цена од речиси пет милиони фунти, проценува аукциската куќа „Бонамс“, која, меѓу другите, ќе ги понуди и „ферари 250 ГТ лусо“ од 1964 и „бугати тајп 30“ од 1922 година.
Најбараниот примерок треба да биде „ролс-ројс фантом стејт лендолет“ од 1953 година, што кралицата го користела во државнички цели и кој е во сопственост на кралското семејство повеќе од 40 години. Возилото, чија вредност се проценува на два милиона фунти, е истиот модел што Меган Маркл го користеше на денот на својата венчавка во мај.
„Направени се само 18 вакви ‘фантоми‘ и сите се купени од челници на држави. Ниту еден не е ист и тие се правени по специјална нарачка. Дури и да сте колекционер на ‘ролс-ројси‘, ваков не можете да имате, зашто секој има свој идентитет“, вели Малколм Барбер, косопственик на „Бонамс“.
И три други возила што ќе се најдат на аукцијата наредниот месец им припаѓаат на членови на британското кралско семејство. Втор по вредност е „фантом стејт лимузин“ од 1960 година, кој вреди меѓу еден и 1,5 милиони фунти.
„Многу е ретко вакви кралски возила да се најдат на аукција“, додава Барбер.