Вселенски туризам не е нова идеја. „Спејс Екс“ на Илон Маск и „Вирџин галактик“ на Ричард Бренсон веќе се подготвуваат за праќање на првите туристи во орбитата, но иако скапо, тоа, сепак, нема да биде искуство од прва класа.
Чекор напред во тој поглед планира Руската вселенска агенција, која на туристите планира да им овозможи престој во луксузен хотел на Меѓународната вселенска станица (ИСС).
Агенцијата планира да изгради 20 тони тежок и 15,5 метри долг модул, со четири луксузни приватни кабини до 2022 година.
Хотелот, што ќе содржи и санитарни и медицински станици, опрема за вежбање и простор за релаксирање, ќе чини меѓу 210 и 336 милиони фунти. Гостите ќе имаат на располагање и безжичен интернет.
Сепак, ова ќе биде доста скапо патување и туристите ќе мора да издвојат околу 40 милиони долари за едно или двонеделен престој, а доколку сакаат да останат еден месец и да прошетаат надвор во придружба на професионален астронаут, тоа ќе ги чини дополнителни 20 милиони.