Славното дело на Банкси „Девојка со балон“, кое во 2018 се самоуништи на аукција, по три години се враќа на продажба во „Сотбис“ во Лондон. Аукцијата е закажана зa 14 октомври, а првичната цена е меѓу четири и шест милиони фунти.
Сликата беше исечена во парчиња, поминувајќи низ режач вграден во рамката веднаш откако неименувана жена од Европа го купи за повеќе од милион фунти. Новото име на сликата е „Љубов е во корпа за ѓубре“. Сликата всушност е реплика на графитот нацртан на ѕид во Лондон.
„Цената се зголеми неверојатно, за речиси четири пати од претходниот пат. Лично мислам дека, во меѓувреме, општо порасна вредноста на Банкси“, рече Оливер Баркер, директорот на „Сотбис“ за Европа.