ТРАМП И КИМ ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ВО ХОТЕЛ ВО КОЈ НОЌЕВАЊЕ ЧИНИ И 7.500 ДОЛАРИ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Долгоочекуваната средба помеѓу Доналд Трамп и Ким Џонг-Ун ќе се одржи во хотел на сингапурскиот остров Сентоса, потврди Белата куќа.

Историскиот самит е закажан за 12 јуни, но многу детали сѐ уште не се потврдени. Тоа ќе биде првпат актуелен претседател на САД да се сретне со лидер на Северна Кореја.

Сингапурските власти почнале да ја трансформираат Сентоса во туристички центар во 70-ите години од минатиот век, кога му го дале на островот сегашното име, што во превод значи мир и спокој.

Островот Сентоса е луксузен туристички центар од 70-ите години (Фото: Гети)

Трамп и Ким ќе се сретнат во одморалиштето Капела, што се простира на 12 хектари и има 112 соби. Дизајнирано од фирмата на угледниот британски архитект Норман Фостер, тоа содржи неколку големи зданија од колонијална ера и терени за голф.

Тоа денес се опишува како „место кадешто новото и старото се спојуваат во луксуз“.

Цените на собите се движат од 500 до 7.500 долари за ноќевање. Сепак, веќе нема можност да бидете таму за време на самитот, бидејќи сѐ е резервирано до 15 јуни.