16. ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ДЕНЕС И УТРЕ НА ОТВОРЕНО ВО ПАРКОТ КАЈ МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Под мотото „Потрага по допир“, вечерва и утре од 20 часот во паркот кај Младински културен центар (МКЦ) ќе се одржува 16. Танц фест Скопје. На програмата се авторски претстави на македонските кореографи Адријана Данчевска, Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски и Ивана Балабанова, како и на апсолвентите на Универзитетот „Гоце Делчев“, Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска.

Дел од танцовиот маратон, со кој ќе се одбележи 30-годишниот јубилеј на македонската современа танцова сцена, ќе бидат и реномираните американски кореографи Меган Бриџ и Кристин Бонанси. Делата на Стивен Петронио, Шамел Питс и Даг Верон ќе се прикажат онлајн во рамките на фестивалот, првпат како дел од програмата Земја во фокус-САД. На фестивалот ќе биде прикажан и првиот македонски танцов филм „Дома“ на Данчевска, во продукција на Скопје танцов театар.

Влезот е слободен, но со ограничен број на места, согласно протоколите донесени од Министерството за здравство. Публиката ќе има можност програмата да ја проследи и онлајн, преку Јутјуб каналот на Танц фест.