Новата 2018 година и официјално почна, откако полноќ помина во Самоа, Тонга и на Божиќниот Остров.

Самоа е првата држава на светот во којашто настапува нова година и затоа таа секоја година привлекува голем број туристи кои сакаат први да зачекорат во новата година. Самоанците и гостите прославуваат со огномети и со традиционални танци.

До 2011 година, Самоа беше меѓу териториите кои последни ја дочекуваа новата година, кога властите одлучиле да се префрлат од источниот на западниот дел на меѓународната линија на датуми.

Последните места на Земјата кадешто доаѓа нова година се американските острови Бејкер и Хауленд, но тие не се населени. Последното населено место е Американска Самоа, каде што 1 јануари ќе настапи кога во Лондон веќе ќе бидат 11 часот.

Интересно е што Самоа и Американска Самоа се разделени со само еден час лет, со што постои можност нова година двапати да се дочека.