316 АВТОРИ СО 442 БАЈКИ СЕ ПРИЈАВИЈА НА КОНКУРСОТ НА „БРАВО СИНЕ!“, НАЈДОБРИТЕ 4 ЌЕ СЕ ИЗБЕРАТ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Триста шеснаесет автори се пријавија со 442 современи бајки на конкурсот на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво Сине!“ и „Арс Ламина“, кој траеше од 1 јули до 17 август. Овој конкурс е дел од проектот „Современи бајки од Македонија“.

Пристигнатите авторски творби во следниот период ќе бидат оценети од стручно жиро, кое ќе избере четири што ќе бидат илустрирани и издадени како посебни сликовници. Поединечната награда за откуп на авторските права на една бајка ќе изнесува 25.000 денари. Се очекува избраните бајки да бидат објавени до крајот на годината.

„Големиот број пристигнати бајки е исклучително охрабрувачки за нас, бидејќи тоа е јасна потврда за огромниот креативен потенцијал и за потребата од создавање можности тој да добие форма. Токму тоа е и нашата цел, да создадеме простор за креативните автори во земјава кои создаваат трајни вредности. Нашата основна идеја беше традиционалното творештво да го доближиме до младите генерации на нов и модерен начин. Во рамките на овој проект издадовме 54 бајки од Македонија, а големиот интерес за нив нѐ инспирираше да создадеме можност за нови современи бајки, кои во иднина ќе станат дел од македонската литературна историја“, вели Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на „Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.