90 ФИЛМОВИ ОД 11. МОБИЛ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ БЕСПЛАТНО ДОСТАПНИ ОНЛАЈН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деведесет филмови од цел свет од денеска до 6 декември ќе бидат во програмата на 11. Мобил филм фестивал, што ќе се реализира онлајн под мотото „Размислувај поразлично“. Филмовите поделени во три програми ќе бидат бесплатно достапни на VoD платформата Cinesquare.net.

Сите филмови на фестивалот се достапни во 13 земји во регионот. Во официјалната конкуренција се 22 филма, 36 во ковид-програма и 31 во анимирана програма. Традиционално, ќе се додели наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, како и награди за најоригинална приказна и за најинвентивен филм. За наградите ќе одлучува тричлено жири во состав Горан Наумовски, Карл Бардош и Златко Ѓелески.

Мобил филм фестивал го организира продуцентската куќа „КТ-Филм и медиа“ и е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.