АРКТИК ПОГОДЕН ОД НАЈВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ ВО ИСТОРИЈАТА, ИЗМЕРЕНИ 38 СТЕПЕНИ

Москва, (Би-Би-Си)

Температурите во Арктичкиот Круг достигнале нови рекордни височини во саботата откако во сибирскиот град Верхојанск биле измерени 38 Целзиусови степени. Иако овој рекорд допрва треба да биде потврден, тоа во секој случај е за 18 степени повисоко од просечната максимална дневна температура во јуни.

Топло летно време не е невообичаено за Арктички Круг, но во изминатите месеци биле регистрирани ненормално високи температури. Се верува дека Арктик се загрева двојно побрзо од глобалниот просек.

Верхојанск, град со 1.300 жители, се наоѓа во рамките на Арктички Круг и се карактеризира со екстремна клима, при што температурите варираат од -42 степени во јануари до +20 во јуни. Сепак, метеоролозите се загрижени од постојаниот топол бран во Арктичкиот Круг во март, април и мај, кога просечната температура била 10 степени над нормалното, објави климатскиот сервис на Европската Унија, „Коперникус“.

Овој месец во делови на Сибир биле измерени 30 степени, а во мај, во Хатанга (арктичка Русија) бил поставен нов рекорд од 25,4 степени. Се верува дека ова е потпомогнато и од шумските пожари кои пустошат делови од Арктички Круг.

„Од година во година, низ светот се поставуваат нови температурни рекорди, но Арктик се загрева побрзо од кое било друго место на светот. Во иднина ќе гледаме и нови рекорди“, вели Ден Мичел, професор по атмосферски науки на Универзитетот во Бристол.