БАЛОНОТ ДОНАЛД ТРАМП ВО ПЕЛЕНИ ЌЕ СТАНЕ ДЕЛ ОД КОЛЕКЦИЈАТА НА ЛОНДОНСКИОТ МУЗЕЈ

Лондон, (АП)

Лондонскиот музеј објави дека џиновскиот балон во форма на Доналд Трамп ќе стане дел од негова колекција, како илустрација на протестите што ја следеа посетата на американскиот претседател на Лондон во 2018.

„Со ова дело можеме да го одбележиме тој бран на чувства што тој ден го обзедоа градот и да го доловиме тој одреден момент на отпор“, изјави директорката на музејот, Шерон Амент.

Балонот на кој Трамп е претставен како портокалово расплакано бебе во пелени ќе биде дел од музејската колекција поврзана со протести, во која ќе има артефакти од разни демонстрации.

Балонот на Трамп е дело на група пријатели кои во паб во Лондон правеле планови како да ги изразат своите ставови против неговата политика. Балонот леташе пред парламентот на 13 јули 2018, кога на улиците излегоа илјадници луѓе.