БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЌЕ ИЗДАВА СПИСАНИЕ ЗА СТУДЕНТСКИ ИСТРАЖУВАЊА, ЕДИНСТВЕНО ОД ВАКОВ ВИД ВО ДРЖАВАТА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола ги промовираше првиот број на списанието „Нови хоризонти“ наменето за објава на квалитетни студентски истражувања и Зборникот на трудови од одржаната Студентска универзитетска конференција.

Главниот и одговорен уредник на списанието проф. д-р Горан Илиќ изјави дека ова е прво македонско списание од ваков вид, а Битолскиот универзитет уште еднаш се појавува како пионер и знаменосец на промени во општеството и академската средина. Во списанието можат да објавуваат само студенти, под услов да имаат ментор, а истражувањето да биде квалитетно изведено по сите научни стандарди.

Ова ќе стане сериозно и престижно списание кое во иднина ќе привлече и автори студенти од странство. Ова ќе биде прозорец на нашиот Универзитет кон светот“, рече Илиќ, кој е проректор за наука.

Списанието има меѓународен уреднички комитет. Во првиот број на „Нови хоризонти“ поместени се шест студентски трудови, а во Зборникот 19.

Во следниот период ќе издадеме уште еден зборник на апстракти со цел ниту еден студент да не се почувствува изоставен и ниеден труд да не остане незабележан во нашите универзитетски списанија. Имаме високо ниво на поставени критериуми, а списанието ќе овозможи поголема видливост на студентската работа“, рече проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, проректорка за студентски работи на УКЛО.

Ж. ЗДРАВКОВСКА