Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложба на Тома Димовски, насловена „Рефлексија на невидливото“.
За Тома, кој има церебрална парализа, неговите блиски велат дека е борец и творец. Ова е негова прва самостојна изложба, која претставува пресек на работата во изминатите десет години.
„Во моите дела секој може да се препознае, нема ограничувања кој е на сликата. Моето животно мото е дека уметноста го подобрува квалитетот на животот. Уметноста е тука за да ја создаде убавината на светот“, рече Димовски, кој пред велешката публика се претстави со 30-ина дела, акрил на платно.
Роден во 1968 година во Скопје, тој дипломирал етнологија на Природно-математичкиот факултет, а денес е четврта година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Антони Мазневски. Тој твори од својата 13. година.
„Со Тома соработувам седум години. Освен што слика, тој изработува музички инструменти, дрвен ксилофон и дрвени ноти како инсталација и визуелна уметност. Оваа изложба е своевиден автопортрет, што луѓето гледаат во денешнината. Димовски ги црта нашите изрази, кои ние ги забораваме во бркотницата“, кажа Билјана Димитрова, промотор на изложбата.
П. ПЕЧКОВ