БОСАНСКАТА ПРЕТСТАВА „СИН“ ВЕЧЕРВА НА ФЕСТИВАЛОТ РУТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Босанската претстава „Син“ на режисерот Дино Мустафиќ ќе се изведе вечерва (20 часот) во Драмски театар во Скопје на фестивалот РУТА. Претставата е во изведба на Камерни театар 55 од Сараево, а работена е според текстот „Син“ од трилогијата на Флоријан Зелер.

„Петмина актери од Камерниот театар 55 раскажуваат приказна за семејството, за депресивниот тинејџер растргнат помеѓу разведените родители, раскажуваат приказна за луѓето кои не прават ништо друго освен што се обидуваат да ги најдат вистинските зборови. Добра претстава, верувам, е претстава по која имате потреба да разговарате, поставувате прашања, анализирате и дискутирате. По оние претстави што се извонредни може и долго да се молчи. ‘Син’ е токму такво парче уметност, кое нѐ повикува на долга тишина и молк, но и на простување, смеа и плач“, пишува драматургот Алмир Имширевиќ.