Од денеска до 22 декември, во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде поставена изложба на слики на ликовната уметница Дита Старова-Ќерими. Авторката ќе се претстави со 15 понови дела, изработени во техниката акрилик на платно.
Старова-Ќерими во својата професионална биографија има 14 самостојни и над 50 групни изложби во Македонија, САД, Франција, Турција и Косово. Добитничка е на бројни домашни и странски признанија. Од 2015 е директорка на Националната галерија на Македонија.
„Безвременската песна ‘Булка’ на големиот албански поет Асдрени, напишана пред 100-ина години, буди семожни асоцијации и во овие времиња на страдања од пандемијата. Црвениот кревок цвет на булката, кој пркоси на бурни ветрови, станува симбол на универзалната надеж. Оживувајки ја булката на сликарско платно, сакам да ги разбудам поривите на радост и надеж во човековата душа“, вели уметницата.