ЧЕХОВ ПРЕД 120 ГОДИНИ ГО НАПИШАЛ „ГАЛЕБ“ КАКО ЗА 21. ВЕК, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НИКОЛИЌ ЗА НОВАТА ПРЕТСТАВА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерката Нина Николиќ во Македонски народен театар (МНТ) го поставува текстот на рускиот класик Антон Павлович Чехов, „Галеб“.

Московската премиера се случила пред 120 години и, како што велат од МНТ, голем предизвик е одново да се открие дека текстот и во денешни услови е актуелен и отвора теми што го допираат современиот човек, бидејќи станува збор за љубовна приказна.

Во историјата на МНТ, „Галеб“ е поставен двапати, во режија на Димитар Ќостаров во 1960 и на Бранко Ставрев во 1990 година.

„Текстот содржи ситуации кои и денес ги живееме, како Чехов пред 120 години да пишувал за 21. век. Пристапот што го имам во поставувањето на претставата е поинаков само во однос на брзината со која се одвиваат ситуациите“, вели Николиќ.

Во претставата играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петар Арсовски, Емил Рубен, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска и Благој Веселинов, потоа Аксел Мехмет како гостин од Турскиот театар и Дамјан Цветановски како гостин на МНТ.

Сценографијата ја работи архитектката Вишња Вујовиќ од Белград, Ивана Каранфиловска-Угуровска ја подготвува костимографијата, дизајнот на светлото ќе биде на Крис Јегер од Велика Британија, а кореограф е Димитрис Сотириу.

Премиерата се планира за средината на декември.