ЧЕТВОРИЦА СТУДЕНТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО НАСА ЌЕ ГО ПРЕЗЕНТИРААТ СВОЈОТ ИЗУМ ЗА СОЛАРНА ЕНЕРГИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Деветнаесетгодишните Александар, Дамјан, Јаков и Павел наредниот месец ќе го  посетат Кенеди спејс центарот на НАСА во Флорида, каде ќе го презентираат нивниот прототип – сензор за мерење на сончевата енергија.

Нивниот тим „Свивт“ пролетва победи на светскиот хекатон натпревар во Македонија, на aмериканската вселенска огранизација НАСА. Натпреварот се одржува шестта година по ред во 70 земји во светот. Тие како најдобри од Македонија влегоа во светското финале на овој глобален натпревар на млади луѓе, но иако не беа меѓу победниците, добија посебна покана да го презентираат својот производ во НАСА.

Четирите момци кои сега се студенти во прва година, на ФИНКИ и на Машинскиот факултет во Скопје, деновиве работат на подобрување на нивниот производ, за што подобро да се претстават во НАСА. Тие измислија сензор за соларна енергија, односно производ кој  дава податоци колку сончева енергија има на одредено место. Преку андроид апликација се собираат информации колку сончеви часа има секој ден, како и колку енергија даваат. Прототипот е наменет, како што велат студентите, за домаќинствата, едноставен е за ракување и според цената би бил достапен за секого.

„Кога се пријавивме на натпреварот сите бевме матуранти и не очекувавме дека ќе победиме бидејќи имаше тимови од повозрасни од нас кои веќе се на факултет и имаа поголемо искуство“, вели Александар (Фото: Њуменс бизнис акцелератор)

„Кога се пријавивме на натпреварот сите бевме матуранти и не очекувавме дека ќе победиме бидејќи имаше тимови од повозрасни од нас кои веќе се на факултет и имаа поголемо искуство. Се пријавивме на натпреварот да работиме на креирање друг производ. Но, како што почнавме да работиме, ни дојде идеја да направиме ваков прототип. Првиот прототип го направивме за една недела. Покрај нас четворица во тимот беше и Борче, кој сега е на студии во Германија и нема да може да дојде со нас во НАСА центарот“, вели Александар Момироски.

Александар, Дамјан, Јаков и Павел во Кенеди спејс центарот, ќе имаат состанок со директорот за технолошки трансфер на НАСА, пред кого ќе го претстават сензорот за соларна енергија.

„Возбудени сме многу. Сите четворица веруваме дека нашиот производ ќе им се допадне на научниците и инвеститорите со кои ќе се запознаеме и ќе им го презентираме. Ова е посебна прилика за нас. Сигурни сме дека ќе се претставиме во најдобро светло бидејќи веруваме во она што го создадовме“, вели Дамјан Постоловски.

Сите четворица веруваме дека нашиот производ ќе им се допадне на научниците и инвеститорите со кои ќе се запознаеме и ќе им го презентираме – тимот млади иноватори на консултации за својот производ (Фото: СДК.МК)

Јаков Докузов и Павел Ѓорговски велат дека посебно се радуваат на тоа што на 4 декември во рамките на посетата на НАСА ќе имаат можност да присуствуваат на лансирањето на ракета во вселената. Минатата недела студентите ги посети американскиот амбасадор Џес Бејли кому тие му ја презентираа иновацијата.

Натпреварот во Македонија беше организиран од македонско-американсата компанија „Њуменс бизнис акцелератор“. Претставници од компанијата ќе ги придружуваат Александар, Дамјан, Јаков и Павел во НАСА.

А. АНТЕВСКА