Бројот на починати од КОВИД-19 во Македонија порасна на четири, додека во исто време први случаи на зараза се потврдени во Битола и Струга.
- Од КОВИД-19 утрово почина 66-годишна жена од околината на Струга.
- Таа починала само ден откако било утврдено дека е позитивна на коронавирус, исто како и нејзиниот сопруг. Двајцата биле во Дебар пред таму да се прогласи вонредна состојба и имале контакт со заразен лекар.
- Од Министерството за здравство кажаа дека таа веќе имала здравствени проблеми.
- Во Македонија има 22 новозаразени со коронавирус, па вкупната бројка сега изнесува 241, од кои четири пациенти починаа, а тројца се излекувани.
- Први случаи се потврдени во Битола и Струга, со што коронавирусот сега е регистриран во 12 градови, најмногу во Скопје (143) и Дебар (45).
- Последните бројки кажуваат дека на светско ниво има преку 640.000 заразени и речиси 30.000 починати.