ДА НЕ БЕШЕ МАЈКА МИ, ЗА МАЛКУ НЕМАШЕ ДА ЗАВРШАМ СРЕДНО УЧИЛИШТЕ, РЕЧЕ ГОРАН ПАНДЕВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот фудбалер со светска кариера Горан Пандев вели дека да не била мајка му, тој за малку немало да заврши средно училиште. Додека сѐ уште живеел во Струмуца, неговата мајка сама го пријавила за полагање неколку испити кога тој не бил дома, грижејќи се дека поради фудбалот ќе го запостави училиштето.

„Учев за сообраќаен техничар, но рано почнав да играм фудбал и се префрлив на вонредно. Мајка ми се загрижи дека нема да завршам средно, па додека бев отсутен од дома, пријавила неколку испити што требаше да ги полагам. Матурирав, но никогаш не станав сообраќаен техничар“, изјави Пандев на снимањето на емисијата „Еден на еден“.

Некогашниот фудбалер на Интер, Лацио и Наполи гостува во првата емисија од новата, 15. сезона на ТВ-шоуто, на 5 ноември од 18:30 часот на „Канал 5“.

„Почнав да играм фудбал на 11 години од забава. Отидов со моите другари во Струмица да ги гледам како тренираат, бидејќи беа постари од мене. Видов една топка покрај теренот, ја зедов и оти ми беше здодевно само да гледам, почнав да си играм“, кажа Пандев.

Тренерот на неговите другари го забележал и го прашал дали сака да тренира со нив, а тој првично одбил, велејќи му дека не може, затоа што другарите се постари од него.

„Почнав да жолнглирам и тренерот ми рече: ‘Можеш утре да дојдеш?‘ И така почнав“, изјави Горан Пандев.

Кога бил мал, во Струмица живееле во една куќа со дедо му и чичко му. Кога по првиот тренинг се заразил со фудбалот, почнал да прави топки од весници на дедо му и играл по дома.

„Ни на крај памет ни ми паѓаше дека ќе играм во Серија А и дека ќе го освојам сето она што го освоив, бидејќи јас на училиште играв и кошарка и одбојка. Само за да не одам на училиште играв на сите натпревари, и кошарка и одбојка и мал фудбал“, кажа Пандев во разговорот кој е поделен во два дела, едниот ќе се емитува в недела, а другиот следната година.

М. ЏАРОВСКА

Фото: В. ОЦЕВСКИ