Денеска (15 април) во 20 часот, во Галеријата на Младински културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложба на британскиот уметник Денис Боувен, Изложбата ја организираат МКЦ и Асоцијацијата за култура ИКОН, од каде велат дека одлучиле 15 април, Светскиот ден на уметноста, да го посветат на Денис Боувен (1921-2006), кој беше и македонски културен амбасадор.
„Тој пишуваше за македонската ликовна сцена во Лондон, но и неуморно работеше на собирање уметнички дела од британски автори. Зад колекцијата слики, цртежи, скулптури и графики од британски уметници во МСУ стои името на Денис Боувен“, вели Марија Коробар, програмска раководителка на ИКОН.
Боувен беше чест гостин на ликовни колонии во Струмица, Кичево, Крива Паланка и Охрид и зад себе остави стотици дела што сега се во јавни и во приватни колекции. Град Скопје му ја додели наградата „13 Ноември“ во 2003.
Изложбата ќе трае до 30 април.