„Секој е убав на свој начин“, порачаа децата со попреченост кои учествуваа на манифестацијата „Убави сме, свои сме“ која се одржа во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, во организација на Здружението за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера“.
На импровизираната модна писта во големата сала продефилираа 26 деца со попреченост од сите наши градови, кои беа придружувани од јавни личности и сите ја пренесоа пораката дека секој е убав на свој начин и треба да биде прифатен од заедницата.
„Во пресрет на 3 декември, Светскиот ден на лицата со попреченост ја организираме оваа манифестација. Испративме силна порака дека лицата со попреченсот се тука и дека не треба да им бидеме посветени само еден ден, туку 365 дена во годината. Втора година по ред монтираме модна писта на која децата и младите носат креации од домашни и странски дизајнери, и на пистата излегуваат со познати естрадни уметници, спортисти, културни работници и политичари за да го свртат вниманието на јавноста дека секоја различност има своја убавина“, рече Анче Туфекчивеа од здружението „Вера“.
Манифестацијата „Убави сме, свои сме“ се организира седма година по ред и е можност за младите со попреченост да бидат дел од модна ревија со хуманитарен карактер.
В. ТРАЈКОВ