ЏОН МАЛКОВИЧ РАБОТИ НА ПРЕТСТАВА ИНСПИРИРАНА ОД ХАРВИ ВАЈНСТИН

Лондон, (Би-Би-Си)

Џон Малкович ќе игра во претстава инспирирана од озлогласениот холивудски продуцент Харви Вајнстин и вели дека таа би можела да вознемири многу луѓе. „Горчлива пченица“, напишана од наградуваниот автор Дејвид Мамет, кој, исто така, ќе биде режисер, ќе има светска премиера во Лондон во јуни.

„Тоа е црна фарса за медиумски моќник со многу лошо однесување“, вели Малкович.

Десетици жени, повеќето актерки, го обвинија своевремено најмоќниот холивудски продуцент за сексуално вознемирување, некои и за силување.

„Харви Вајнстин беше почетна точка за претставата и е реакција на сите вести кои излегоа за него минатата година. Таа е дополнително развиена и истражува како луѓето на моќни позиции во забавната индустрија лошо се однесувале со децении“, вели 65-годишниот Малкович, кој ќе го игра холивудскиот продуцент Барни Фин.

Малкович вели дека во 1998 година играл во филм финансиран од Вајнстин.

„Освен тоа, јас немав никакви врски со него. Велат дека сите во Холивуд знаеле за неговото однесување, но тоа не е вистина. Тоа никогаш не било тема на разговор“, вели Малкович.