Второто издание на „Get EXITed“ ќе се одржи на 7 септември во Градскиот парк во Струмица, а ќе настапат светски и регионални имиња, како продуцентот, пејач, текстописец и диџеј Џон Њуман, творецот на најголемите светски хитови Бурак Јетер и Констракта од Србија.
Струмичкиот „Get EXITed“ го организира тим од српскиот фестивал Егзит во соработка со Општина Струмица, а влезот е слободен. Тие најавуваат дека дополнително ќе бидат објавени имињата на останатите учесници.
„Од првиот Егзит, гостите од Северна Македонија беа меѓу најбројните и особено задоволство ни е, уште еднаш да ја донесеме моќната енергија на Егзит фестивалот во Струмица. Минатогодишното издание навистина ги надмина сите очекувања, за време на настанот немаше слободно сместување во околината на Струмица, туристите дојдоа од целиот регион, а на 7 септември со најголемите глобални и регионални имиња продолжуваме во уште посилен ритам“, најавува основачот и директор на ЕГЗИТ Фестивал, Душан Ковачевиќ.
Фото: Ј. Ивановиќ